СТАРА И НОВА МУЗИКА ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ – Концерт на Владо и Бајага
Концертот траеше часови, но енергијата остана непроменета до последниот тон

Како што вели стихот од песната на Владо Јаневски „љубов без почеток и крај“, така и синоќешниот концерт со Владо и Бајага и Инструктори беше вистинска љубовна вечер. На Денот на љубовта и виното, СЦ „Борис Трајковски“ беше исполнет до последното место.
Концертот не беше само за вљубените парови, присуствуваа и пријатели, родители со деца, колеги и сите обединети со љубовта кон музиката и безвременските хитови на Владо и Бајага.
Вечерта ја отвори домаќинот Владо Јаневски со „Напрај место“, а продолжи со понови нумери и десетиците незаборавни рефрени кои публиката ги пееше во еден глас. Настанот траеше повеќе од два часа, со неизменета енергија и заврши „на продолжение“. Меѓу хитовите беа „Еден бакнеж“, „Компас“, „Дома си е дома“, „Две души и месечина“, „Откако си негова“, „Не те сакам“, „Црно тиквешко“. Неизбежната „Тајна отровна“ Владо му ја посвети на долгогодишниот придружен вокал Сара Пројковска, чија омилена песна е токму таа.
Потоа следеше концертот на Бајага и Инструктори. Тој го започна со „Град“, а енергичниот Жика Миленковиќ ги најавуваше сите песни на македонски. Репертоарот беше внимателно составен со комбинација на постари и понови хитови – „Тишина“, „Марленка“, „Са друге стране јастука“, „Тамара“, „Дарја“, „Моји су другови“, „Плави сафир“, но публиката со аплауз и бис побара повеќе песни.
Како што пее Бајага во „Моји су другови“: „Јер овај живот ја кратак и процури за час“. Авалон продукција создаде вечера исполнета со сплотување на старите пријатели Владо и Бајага повторно заедно „с неком од наших песама“, на радост на сите присутни.


