СТАНУВА АЛАРМАНТО – Старите остануваат без дом, листи на чекање во сите старски домови
Интересот за згрижување на повозрасните лица расте, а капацитетот не е доволен

Со сè помалку слободно време и поинтензивен начин на живот, семејствата сè повеќе се соочуваат со потребата од згрижување на повозрасните лица во старски домови. Иако постојат и државни и приватни установи, а се најавуваат и нови, интересот за сместување постојано расте, создавајќи потреба од дополнителен простор и стручен кадар.
„Во сите јавни и дел од приватните домови постојат листи на чекање, потврдуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Министерството исто така посочува дека е потребно ново вработување на социјални работници, медицински сестри и негуватели. Вкупниот капацитет во јавните установи изнесува 676 легла, додека 38 приватни домови нудат 1.609 легла, најмногу во Скопје.
Петте јавни домови се: ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – 111 легла, „Зафир Сајто“ – 197 легла, „Киро Крстески Платник“ – 150 легла, „Сју Рајдер“ – 150 легла и „Д-р Иван Влашки“ – 67 легла.
Во 2025 година, Берово доби 28 нови легла. Министерството има потпишано договори за нови домови и адаптација на објекти во Пробиштип (54 корисници), Кавадарци (57), Крива Паланка (20) и Кратово (35). Секоја година се објавува и јавен повик за општини заинтересирани за изградба или доградба на установи за стари лица.
„Основниот проблем на старските домови е недостигот од стручен кадар“, истакнуваат од Министерството.
Цените за сместување во јавните установи се движат од 10.900 до 25.800 денари, зависно од здравствената состојба на корисникот.


