СТАН ЗА 63.000, ПРОДАДЕН ЗА 131.000 ЕВРА – Имотот на Груевски се продава како алва

Новите сопственици сè уште не се јавно познати, бидејќи Агенцијата чека официјална уплата на средствата.

СТАН ЗА 63.000, ПРОДАДЕН ЗА 131.000 ЕВРА – Имотот на Груевски се продава како алва
Фото: Принтскрин

Во текот на вчерашниот ден, успешно се продадоа два стана на поранешниот премиер Никола Груевски, кои му беа одземени во рамки на случајот „Плацеви на Водно“. Станува збор за имот кој се наоѓа на улицата Бихаќка, веднаш до станот во кој Груевски живееше пред бегството. Од друга страна, луксузните апартмани во елитниот комплекс „Панорама“ на Водно не предизвикаа интерес кај потенцијалните купувачи.

Од Агенцијата за управување со одземен имот за „Фокус“ потврдуваат дека електронската аукција за становите на Бихаќка била успешна, додека за оние на Водно немало ниту еден заинтересиран понудувач.

„Становите на ул. Бихаќка се продадени по следниве суми: 5.536.000 денари за станот со реден број 5 и 8.068.000 денари за станот со реден број 6“, информираат од Агенцијата.

Претворено во евра, станот од 57 квадратни метри, кој започна со почетна цена од 63.000 евра, на крајот е продаден за 131.186 евра. Помалиот, од 38 квадрати, чија почетна цена беше 44.000 евра, достигнал цена од 90.016 евра. Ова покажува силна заинтересираност кај купувачите за овие станови.

Новите сопственици сè уште не се јавно познати, бидејќи Агенцијата чека официјална уплата на средствата.

Инаку, Груевски пред бегството живееше во два споени стана – дуплекс со површина од над 140 квадратни метри. Освен тие, поседувал уште два стана на истиот кат, кои ги користел како библиотека и работна соба. Токму тие два беа сега продадени.

Агенцијата неодамна објави дека за продажба се нудат вкупно пет станови во сопственост на Груевски – трите останати се наоѓаат во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно, со вкупна површина од околу 750 квадратни метри и проценета вредност од над 2,4 милиони евра.

Првиот апартман има 155 квадрати и балкон од 95 м², со цена од 760.000 евра, вториот е со 199 м² и балкон од 48 м², проценет на 847.000 евра и третиот е со речиси идентични димензии – 200 м² и балкон од 48 м², проценет на 851.000 евра.

И покрај атрактивната локација и панорамскиот поглед кон цело Скопје, овие станови не успеаја да привлечат купувачи.

Покрај ова, „Фокус“ претходно објави дека за помалку од еден милион евра било продадено и атрактивно земјиште во Гевгелија кое му припаѓаше на Сашо Мијалков.

CATEGORIES
TAGS
Share This