СТАБИЛНО, НО ПОЛАДНО ВРЕМЕ ЗА ВИКЕНДОТ Утрински мраз и магла во котлините

Под влијание на стабилна, но нешто постудена воздушна маса која пристигнува од север, претстојниот викенд во Македонија ќе помине во знакот на тивко и суво време, со пониски дневни температури од вообичаените за овој период.
Во најголем дел од земјата ќе преовладува стабилно време без значителен ветер, но локално се очекува зголемена облачност. Во котлинските подрачја, особено во утринските и ноќните часови, можно е појава на магла и ниска облачност, што може да ја намали видливоста.
И во Скопје и околината викендот ќе донесе мирно и суво време со умерена облачност. Магла и ниска облачност ќе се појавуваат во делови од Скопската котлина, најчесто рано наутро и навечер.
Утринските температури и понатаму ќе се спуштаат под нулата на повеќе места, што ќе создаде услови за појава на слана и мраз. Во текот на денот, температурите ќе се движат од 5 до 12 степени Целзиусови. Во Скопје максималната дневна температура ќе достигнува околу 10 степени, додека наутро ќе се спушта околу, или малку под нулата.
Граѓаните се советуваат на претпазливост при утринско движење, особено поради можната појава на мраз и намалена видливост во магливите подрачја.


