ССМ ВО ТОТАЛЕН ХАОС – По 9 години сега Митрески вели дека е синдикален претседател со судска одлука

Судот ја прогласи за незаконски смената на Митрески од претседателската функција во ССМ од 2017 година.

ССМ ВО ТОТАЛЕН ХАОС – По 9 години сега Митрески вели дека е синдикален претседател со судска одлука
Фото: Национал

Граѓанскиот суд во февруари годинава донесе одлука со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година бил нелегитимно сменет од функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Актуелното раководство на ССМ тоа го толкува како обид да се замолчи синдикатот институционално.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција истакна дека ова е втора пресуда по ред, и покрај тоа што Апелациониот суд минатата година ја укинал првичната со цел да се утврди дали постои правен основ за постапка против починато лице.

„ Жалосно е што некои во судството денес судат за починат човек. Ова е втора пресуда, иако претходно беше укината од Апелациониот суд за да се утврди правниот интерес за постапка против поранешниот претседател, кој веќе не е меѓу нас. Водат постапки повеќе од три години обидувајќи се да докажат дека тој не е претседател на ССМ“, рече Трендафилов.

Тој потенцира дека синдикатот, според меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот (МОТ), има целосна слобода да ги креира своите статути, акти и да избира свои претставници. Од 2017 година се одржани конгреси во 2020 и 2023 година, а Митрески имал можност да се кандидира, но тоа не го сторил.

„Ако некој смета дека во Македонија претседатели можат да се поставуваат по желба на неколкумина, се лажат. Денес ја браниме функцијата на човек кој не може да се брани сам. Дарко Димовски, кој беше претседател во меѓувреме, ја извршуваше функцијата непречено и се избори за недела неработен ден, организираше генерален штрајк во јавниот сектор и ја зголеми минималната плата од 15.000 на 18.000 денари. Дали сега се обидуваат да им го одземат тоа на работниците?“ – праша Трендафилов.

Трендафилов најави дека годинава Меѓународниот ден на трудот ќе биде одбележан со протест под мотото „Се бориме за зголемување на платите, а не се молиме“. Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом, со барање за зголемување на минималната и сите други плати.

Од друга страна Живко Митрески истакнува дека неговиот следен чекор ќе биде да се врати во синдикатот и да изврши консолидација. Сите одлуки донесени од нелегитимно избраните раководства ќе бидат верифицирани од легално избраниот синдикат.

„Кога се утврдува ништовност на неговата промена, се враќаме во претходната состојба. Претседателот се враќа на функцијата и врши ревизија на сè што е направено по 2017 година. Се повикува Државната ревизија за да направи длабинска стручна проверка на сите недоследности, појаснуваат од страната на Митрески.

Митрески појасни дека пресудата се однесува на функцијата, а не лично на Дарко Димовски. Тој рече дека актуелниот претседател Трендафилов покажал непознавање за водење на синдикална организација.

За потсетување, Митрески беше претседател на ССМ до 2017 година, кога го наследи Дарко Димовски. По смртта на Димовски, претседател на ССМ стана Слободан Трендафилов, кој сега ја извршува функцијата.

CATEGORIES
Share This