ССМ ВО АКЦИЈА – Утре протест и блокада пред Собранието за зголемување на платите

Работниците бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари.

ССМ ВО АКЦИЈА – Утре протест и блокада пред Собранието за зголемување на платите
Фото: Национал

Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), врз основа на заедничката Одлука на Претседателството и Советот на ССМ, а согласно Законот за јавни собири, организира протест со блокада на 10 февруари 2026 година (вторник). Протестот ќе се одржи пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија, со почеток во 9:00 часот, на улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев“.

ССМ апелира дека пратениците цела година не реагирале на предлогот на синдикатот за зголемување на минималната плата и на сите други плати.

Барањата на работниците се веднаш зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите други плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од сегашната и новата минимална плата.

ССМ посочува дека пратениците примаат значително повисоки плати, со зголемување од 79%, а дополнително уште 12,6% доколку Уставниот суд ја укине минатогодишната Уредба на Владата, или 9,2% согласно пресметките на Народната банка за порастот на просечната плата во 2025 годин, што е вкупно 21,8% зголемување. Истовремено, работниците немаат ниту минимални надоместоци за храна и превоз, што се смета за несправедливо.

Преку протестот и блокадата, ССМ ќе покаже дека пратениците мора да се соочат со реалноста на работниците и ќе им се оневозможи да наплатат прекумерни трошоци за патување тој ден, како што тие редовно го прават.

Доколку пратениците продолжат да молчат, ССМ ќе започне собирање на 10.000 потписи за намалување на нивните надоместоци и зголемување на платите на работниците.

За време на протестот, ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата. Секој итен случај ќе биде пропуштен, а ССМ им се извинува на граѓаните за можните застои на улиците во овој период.

CATEGORIES
TAGS
Share This