ССМ УТРЕ ЈА БЛОКИРА ВЛАДАТА – Бара минимална плата од 600 евра
Ако барањата не се исполнат, следи генерален 24-часовен штрајк во јавниот и приватниот сектор.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре ќе ја реализира последната од најавените блокади, со која бара зголемување на минималната плата на 600 евра, како и раст на сите останати плати за 100 евра. Како што информираат од синдикатот, блокадата ќе се одржи пред Владата на Република Македонија, при што од 11 часот ќе бидат блокирани влезовите на институцијата.
Од ССМ велат дека протестната акција е резултат на тоа што Владата и работодавачите до 31 декември не постигнале договор за зголемување на платите, како и поради тоа што минатата година не бил прифатен предлогот државата да субвенционира дел од придонесите, со цел олеснување на растот на минималната плата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска изјави дека Владата подолг период ги „блокира работничките плати“, додека трошоците за живот континуирано растат.
„Вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари, што значи дека едно четиричлено семејство е посиромашно за истиот износ. Падна и аргументот дека македонските работници не се продуктивни и тие се исклучително продуктивни во однос на платите што ги примаат. Само 17 проценти од создадената вредност се враќа во плати. Минималната плата изнесува 24.379 денари, додека еден работник создава продуктивност од околу 290.000 денари за работодавачот“, рече Трендафилов.
Блокадата утре ќе се реализира со по 21 учесник на секоја од локациите пред Владата. Трендафилов очекува дека по оваа акција ќе има разбирање за барањата на синдикатот, но предупреди дека во спротивно ССМ ќе премине кон организирање нов масовен протест и генерален штрајк.
„Пред одлука сме за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, кој би траел 24 часа. Работниците бараат ваков чекор, како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија и Франција. Со одлуката за штрајк секој работник ќе биде заштитен и сам ќе одлучи дали ќе учествува“, нагласи Трендафилов.
ССМ подолг период инсистира на раст на минималната и на сите останати плати, повикувајќи се на порастот на животните трошоци и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка. По протестот одржан на 28 јануари, синдикатот започна со блокади на Собранието и Стопанската комора.
Доколку не дојде до исполнување на синдикалните барања, во март ќе следи законско усогласување на минималната плата, кое според сегашните пресметки би изнесувало зголемување од 1.500 до 1.700 денари.


