ССМ ПРЕД СОБРАНИЕТО – Работници ги блокираа пратениците поради платите
Работници на две локации го блокираа пристапот до Собранието, барајќи зголемување на минималната и останатите плати

Голем дел од пратениците утрово пристигнале на работа пред 9 часот, за да избегнат средба со работниците кои го блокираа пристапот до Собранието.
Претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), предводени од претседателот Слободан Трендафилов, утрово ги блокираа приодите кон македонското Собрание, каде што денеска е закажана пленарна седница. На двата влеза беа распоредени по 21 работник, кои не дозволуваа влез на возила со кои пратениците пристигнуваат на работа.
Иако едно возило со придружба успеа да помине, по што демонстрантите се распоредија по околните улици, сообраќајот беше дозволен само за возила на Итната медицинска помош, противпожарните служби и полицијата. Полициски службеници беа распоредени околу зградата на Собранието.
Трендафилов им посака „добро утро“ на сите, освен на пратениците.
„Добро утро на сите, освен на пратениците, затоа што веќе две години го блокираат предлогот на синдикатите за зголемување на минималната плата и на сите останати плати за 6.000 денари“, изјави Трендафилов.
Тој истакна дека блокадата е симболична и има за цел да ги спречи пратениците да дојдат на работа со сопствени возила и да наплаќаат патни трошоци, додавајќи дека тие треба да пристигнуваат пеш или со јавен превоз.
„Имам информации дека голем дел од пратениците станале рано утринава за да дојдат на работа пред 9 часот, за да не се соочат со работниците. Се срамат од своите гласачи, бидејќи одбиваат да ги зголемат работничките плати, а во исто време најавуваат зголемување на сопствените примања“, рече Трендафилов.
Тој посочи дека пратеничките плати би можеле да се зголемат и до 12,6 отсто, доколку Уставниот суд ја укине одредбата на претходната Влада, иако јавно се зборува за раст од 9,2 проценти. Според него, пратениците се подготвени формално да ги намалат своите коефициенти, само за да не дозволат зголемување на платите на работниците.
„Денеска сме тука за да им покажеме дека нечовечки се однесуваат кон работниците и дека ги бранат сопствените, а не работничките плати“, истакна Трендафилов.
Тој нагласи дека денешниот протест треба да ги засрами сите 120 пратеници избрани од народот и најави дека блокадата ќе трае до почетокот на собраниската седница во 11 часот. На крајот, Трендафилов им се заблагодари на полициските службеници кои, како што рече, на студено време ги обезбедуваат пратениците.


