ССМ НАЈАВУВА БЛОКАДИ ОД НАРЕДНАТА НЕДЕЛА – Барањето е минимална плата од 600 евра

Протестите ќе почнат во Собранието, пратениците ќе бидат првите кои ќе ги блокираат

ССМ НАЈАВУВА БЛОКАДИ ОД НАРЕДНАТА НЕДЕЛА – Барањето е минимална плата од 600 евра
Фото: Национал

Синдикатите најавуваат дека од следната недела ќе го заострат својот протест за зголемување на платите.

„Наредната недела ќе започнеме со блокади. Првите кои ќе ги блокираме ќе бидат пратениците во Собранието, бидејќи го чуваат Законот за минимална плата во фиока и не сакаат да ги зголемат платите. Веројатно, наредната недела ќе дојдат со автобус или пешки, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе ги чекаме за да ги потсетиме дека таму се за нас и треба да гласаат. Тоа ќе биде следниот чекор“, рече Трендафилов.

Тој додава дека повеќе информации ќе даде во понеделник и дека ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра.

Во одговор на прозивките од власта и ВМРО-ДПМНЕ, Трендафилов го покани премиерот Христијан Мицкоски в понеделник во 9 часот во зградата на ССМ за заедничко потпишување на колективниот договор со кој платите на работниците ќе се зголемат за 40 проценти, како што според него пишувало во соопштението на Владата.

Трендафилов додаде дека не може да се изначуди на обвинувањата дека „ССМ е виновен затоа што работниците во 2028 година нема да добијат 600 евра“.

„Ние бараме минимална плата од 600 евра веднаш, не во 2028. Вратете се од иднината, другари, дојдете во реалноста“, истакна претседателот на ССМ.

Според него, имало обиди за минирање на протестот, а жалосно е што „петтоколонашите“ излегле од редовите на синдикатите. Другиот синдикат, КСС, преку медиумите објави дека нема потреба од радикални мерки, бидејќи платите веќе се зголемиле за 20 проценти.

CATEGORIES
Share This