ССМ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА НА ЕСС – Борбата продолжува на улица
ССМ одби да учествува во, како што велат, законско усогласување без реално зголемување

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска ја напуштил седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), која се одржува во Владата. Како причина за ваквата одлука, Трендафилов го наведе незадоволството од предложениот износ за усогласување на минималната плата.
Како што претходно беше најавено, на дневен ред на седницата на ЕСС се минималната плата и владината потрошувачка кошница.
„Денеска, на мала врата се обидоа да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари, во што ССМ нема мандат да учествува, поради што ја напуштивме седницата на ЕСС. Жалосно е што Владата, работодавачите и другите синдикати имаат ист став, минималната плата да се усогласи само законски, без реално зголемување. За жал, борбата продолжува повторно на улица, во средината на март“, напиша Трендафилов на својот Фејсбук профил.


