СРЕДБА СО ГРАЃАНИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО СТРАНСТВО – Доказ за платен данок во странство ги ослободува од обврската во Македонија
УЈП испрати известувања, но граѓаните ќе се ослободат од данок ако приложат доказ за платен данок во странство

Лицата кои работеле во странство нема да плаќаат данок во Македонија, доколку приложат доказ дека нивниот работодавач веќе ги подмирил даночните обврски во странската земја. Ова денеска го појасни премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на реакциите во јавноста по известувањата што Управата за јавни приходи (УЈП) им ги испрати на овие граѓани.
Премиерот нагласи дека не се работи за ретроактивно оданочување, туку за спроведување на законско решение донесено од претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Тој истакна дека УЈП морала да реагира поради законските рокови.
„УЈП требаше да се обрати до лицата пред да застарат решенијата на крајот на минатата година. Доколку тоа не го направеше, некоја иднина Влада, можеби и оваа, би барала кривична одговорност од директорката за оштетување на Буџетот. УЈП само ги извести граѓаните за роковите за подмирување на обврските“, објасни Мицкоски.
За решавање на ситуацијата, премиерот информираше дека веќе одржал средба со лица кои работеле во различни делови од светот.
„Донесовме заклучок дека лицата треба да докажат дека фирмите кои ги ангажирале платиле данок во земјата каде што работеле. Со тоа УЈП нема да го наплати данокот“, заклучи тој.


