СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СО ПАПАТА Во време на неизвесност, потребни се силни духовни пораки

Претседателката потсети и на историските врски помеѓу Македонија и Ватикан, поткрепени со цивилизациското наследство на Мајка Тереза-– светицата и родена скопјанка, која претставува мост помеѓу двете држави.

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СО ПАПАТА Во време на неизвесност, потребни се силни духовни пораки
Фото: Претседател на РМ

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со Папата Лав XIV во Ватикан, при што во фокусот на разговорот беа прашањата за траен мир, глобални реформи и правдата како универзална вредност.

„Средбата беше долга и инспиративна. Можете да замислите како изгледа разговор со еден врвен математичар, филозоф, но и духовен водач. Неверојатно искуство“, изјави претседателката по средбата, нагласувајќи ја потребата од охрабрувачки зборови во време на глобална неизвесност и поларизација.

Таа посочи дека со Папата се согласиле дека се потребни реформи во Обединетите нации и нивно поинтензивно вклучување во решавањето на глобалните предизвици. Беше отворено и прашањето за преиспитување на насоките по кои се движат многу светски политичари.

„Мислам дека Папата е навистина човек на вистинското место – не само ерудит, туку и човек од длабока верба, кој умее да разговара и да помогне“, истакна Сиљановска-Давкова.

Во рамки на протоколарниот дел, беа разменети подароци. Папата ѝ подари скулптура на жена – симбол на правдата, што според претседателката ја симболизира улогата на жените во светот и нивната способност да придонесат за позитивни промени. Таа, пак, му подари уметнички дрворез со мотиви на лозница и гроздови – традиционален симбол на плодност, често присутен во македонските цркви.

Претседателката потсети и на историските врски помеѓу Македонија и Ватикан, поткрепени со цивилизациското наследство на Мајка Тереза- светицата и родена скопјанка, која претставува мост помеѓу двете држави.

Средбата во Ватикан претставува продолжение на дипломатските активности на претседателката, која деновиве во Рим се сретна и со италијанскиот претседател Серџо Матарела, при што истакна дека Македонија не смее да биде жртва на идентитетски прашања во својата евроинтегративна перспектива.

CATEGORIES
Share This