СРЕБРОТО ПРВПАТ НАД 77 ДОЛАРИ ЗА УНЦА Раст и на цените на златото и платината

СРЕБРОТО ПРВПАТ НАД 77 ДОЛАРИ ЗА УНЦА Раст и на цените на златото и платината

Цената на среброто вчера за првпат ја надмина границата од 77 долари за унца, додека златото и платината исто така се искачија на рекордни нивоа на светските пазари.

Растот на цените на скапоцените метали се должи на очекувањата дека Федералните резерви на САД ќе започнат со намалување на каматните стапки, како и на засилените геополитички тензии, кои ја зголемуваат побарувачката за овие метали како сигурно прибежиште за инвеститорите.

Спот-цената на среброто забележа дневен раст од седум проценти, а во однос на почетокот на годината неговата вредност е зголемена за дури 167 проценти. Аналитичарите посочуваат дека на ваквиот раст влијаат ограничената понуда што не успева да ја задоволи побарувачката, статусот на среброто како критичен минерал во САД, како и зголемените инвестиции во овој сегмент.

Златото, пак, се тргува по спот-цена од 4.529 долари за унца, што претставува раст од 1,1 процент, додека фјучерс-договорите на американските берзи ја вреднуваат унцата злато на 4.559 долари, односно зголемување од 1,3 проценти.

„Очекувањата за олабавување на монетарната политика од страна на Федералните резерви во текот на следната година, заедно со послабиот долар и геополитичката неизвесност, придонесуваат за зголемена волатилност на пазарите со пониска ликвидност. Иако постои ризик од прибирање профит кон крајот на годината, основниот тренд останува силен“, изјави Питер Грант, потпретседател и главен стратег за скапоцени метали во „Занер Металс“.

Според пазарните очекувања, можно е Федералните резерви да започнат со намалување на каматните стапки кон средината на следната година. Дополнително, се шпекулира дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да именува нов претседател на ФЕД по сопствен избор, што би значело пофлексибилна монетарна политика.

Слабеењето на американскиот долар во однос на другите водечки светски валути дополнително ја зголемува атрактивноста на златото, кое за странските инвеститори станува поевтино. Грант оцени дека е реално цената на златото да достигне околу 5.000 долари за унца до средината на следната година.

Во меѓувреме, спот-цената на платината се искачи на 2.411 долари за унца, што претставува раст од 8,7 проценти, додека паладиумот се тргува по цена од 1.850 долари за унца, со зголемување од 10 проценти, објави Ројтерс.

CATEGORIES
Share This