СРЦЕТО СЕКОГАШ ВЛЕЧЕ НАКАЈ ДОМА – Македонија ги чека своите

Искуствата од странство стануваат темел за нови бизниси и работни места

СРЦЕТО СЕКОГАШ ВЛЕЧЕ НАКАЈ ДОМА – Македонија ги чека своите
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање на Форумот на повратници во Македонија, истакна дека не можеме да се лутиме на оние кои заминале. Тој објасни дека луѓето заминале за да обезбедат подобро образование за своите деца, подобра работа, достоинствена плата и стабилен живот и нормални човечки потреби и борба за иднина.

„Колку и да оди човек далеку, срцето го влече назад. Како што мудро вели народот, „каменот тежи на своето место, само дома си свој“. Вие што сте денеска тука сте жив доказ за тоа“ – рече Мицкоски.

Премиерот подвлече дека нивното враќање не е само симболично, туку суштинско:

Вашето враќање е порака дека Македонија не е заборавена, корените не се пресечени и љубовта кон домот не исчезнува, без разлика на годините и далечината“ – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека многумина заминале не затоа што сакале да ја напуштат татковината, туку затоа што животните околности ги натерале да бараат подобри услови, сигурност и перспектива.

Денес зборувам пред луѓе кои носат посебна тежина во нашето општество, луѓе кои ја знаат татковината одвнатре и од надвор. Луѓе кои заминале, но се вратиле и започнале нови успешни приказни. Вашите искуства и знаења стекнати надвор не се губат кога се враќате, туку добиваат смисла и стануваат темел за нови бизниси, работни места, идеи и енергија во нашата економија. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример испраќаме порака до сите наши луѓе ширум светот: ве разбираме, ве почитуваме и вратите ви се широко отворени“ – рече Мицкоски.

По неговото обраќање следуваа повеќе говори на македонски повратници од странство, кои ја продолжиле својата кариера и основале бизниси во различни сфери во Македонија.

Ана Дуковска, родена во Охрид, заминала во САД во 2007 година за да ги финансира своите магистерски студии. Наместо краткорочен престој, таа останала долгогодишно во Њу Џерси и потоа во Вашингтон, каде активно се вклучила во зачувување на македонските традиции и основала друштво за промоција на македонскиот јазик и култура и подучувала деца на македонски.

Иако живеела во Америка, носталгијата за Македонија ја придружувала секогаш, а по одлуката да се врати, успеала да ги донесе со себе своите контакти од дијаспората и заедно да придонесуваат за промоција, напредок и културно поврзување.

Дуковска ја поздрави Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030, истакнувајќи дека таа ја вклучува нејзината идеја за системска соработка меѓу државата и иселениците.

„Стратегијата препознава дека иселеништвото не е само сентиментален поим, туку ресурс, партнер и продолжена рака на државата“, рече таа.

Нејзиниот предлог беше воспоставување „национална кампања за стекнување македонско државјанство за сите Македонци по род, родени надвор од државата, не како административна постапка, туку како чин на припадност, признавање и враќање дома“.

Дуковска работи за американска сметководствена фирма, но од својот дом во Охрид, а заработеното го троши во Македонија, што според нејзе докажува дека може да се работи во странство и да се придонесува за својата татковина.

Во продолжение на Форумот ќе зборуваат и други повратници од дијаспората заедно со претставници на присутните државни институции.

CATEGORIES
TAGS
Share This