СПОРСТКАТА САЛА РАБОТНИЧКИ ПРЕИМЕНУВАНА – Ќе го носи името на Лазар Лечиќ
Салата, целосно реновирана и по ФИБА стандарди, ќе служи за нови спортски успеси.

На иницијатива на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, спортската сала „Работнички“ сега го носи името на легендарниот кошаркарски тренер Лазар Лечиќ. Предлогот едногласно беше усвоен на денешната шеста седница на Советот на Општина Центар.
Герасимовски им се заблагодари на советниците за поддршката, истакнувајќи дека салата заслужува да го носи името на човекот кој оставил длабок печат во македонската кошарка и во историјата на КК Работнички.
„Салата, на мој предлог, се преименува во чест на големиот Лазар Лечиќ, кој е значаен дел од историјата и на клубот и на салата, која од корен ја реконструиравме. Таа доби целосно нов лик и заслужува ново име што ќе го продолжи духот и традицијата на Работнички. Денес можеме да се пофалиме со сала по ФИБА стандарди, подготвена за нови спортски успеси и за нови генерации кои ќе ја продолжат славната кошаркарска приказна по која Работнички беше препознатлив во Македонија и пошироко“, истакна Герасимовски.
Лазар Лечиќ се смета за еден од основачите на македонската професионална кошарка. Под негово водство, КК Работнички освои шампионски титули во 1963 и 1964 година и се пласираше во Првата сојузна лига.
Неговата кариера започнала во 1957 година во Работнички, а подоцна преминал во тренерските води, оставувајќи силен белег во развојот на кошарката во Македонија и пошироко. Под негово водство, клубот во 1975 година стигна до полуфиналето на европскиот FIBA Куп.


