СПИКЕРОТ ГАШИ – Против сум пржинска влада и предвремени избори

Спикерот на Собранието смета дека честите предвремени избори ја нарушуваат политичката и економската стабилност

СПИКЕРОТ ГАШИ – Против сум пржинска влада и предвремени избори
Фото: Архива

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека е цврст поборник за одржување редовни, а не предвремени избори, оценувајќи дека честите изборни циклуси создаваат политичка и економска нестабилност.

„Јас сум поборник на идејата за редовни избори, редовно носење закони и завршување на мандатите. Ако постојано одиме на предвремени избори, создаваме политичка и економска нестабилност. Треба да настојуваме мандатите да се завршуваат и граѓаните да нè оценуваат според тоа што сме го реализирале од програмите“, рече Гаши по координацијата со координаторите на пратеничките групи.

Тој нагласи дека одлуката за избори е во рацете на пратениците.

„За тоа одлучуваат 61 пратеник. Политичката волја на пратениците е таа што определува кога ќе се оди на избори“, додаде спикерот.

Во однос на прашањето за пржинската, односно техничката влада, Гаши оцени дека таа била ад хок решение за надминување на политичка криза и дека денес, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од таков модел.

„Не е угледно стабилна Влада и земја членка на НАТО да формира технички влади за организирање избори. Изборните процеси, особено последните, поминуваат уредно, без сериозни забелешки“, истакна тој.

Гаши смета дека државата не припаѓа во групата на ризични земји кога станува збор за демократијата и изборните процеси.

„Не сме скандинавска демократија, но не сме ниту ризична земја за спроведување избори. Во тој дел значително напреднавме“, рече тој.

Спикерот информираше дека на координацијата ги повикал пратеничките групи да постигнат договор за избор на народен правобранител.

„Никој не го оспорува името на кандидатот. Ако почнеме нова постапка, тоа ќе значи дополнително одолговлекување и неизвесност. Веќе сме во јануари со блокирана институција, а времето нè гази“, предупреди Гаши.

Тој нагласи дека точката за избор на народен правобранител е веќе на дневен ред и дека веднаш ќе свика седница штом ќе се постигне политички договор. Доколку кандидатот се повлече, постои можност да се изврши избор од веќе пријавените кандидати.

Во врска со Изборниот законик, Гаши рече дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков, по што ќе се формира работна група.

„Пратеничките групи ќе предложат по двајца членови и штом ќе го добиеме текстот, работната група ќе почне со работа“, појасни тој.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека не бил испратен допис до анкетната комисија за трагедијата во Кочани и други случаи, Гаши тоа го демантираше.

„Одлуката е донесена на седница. Пратеничките групи треба да ги достават предлозите до Комисијата за избори и именувања, по што составот ќе се гласа на пленарна седница“, изјави тој.

На крајот, Гаши нагласи дека ќе продолжи да инсистира законите да се носат по редовна, а не по скратена постапка.

CATEGORIES
Share This