СПЦ И МПЦ ВО ПОЛНО ЦРКОВНО ЕДИНСТВО Црквата не одлучува според политика, туку за спасение на луѓето

Патријархот се осврна на процесот на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), нагласувајќи дека одлуката на Српската православна црква (СПЦ) била донесена едногласно, со полнотата на архиерејскиот собор.

СПЦ И МПЦ ВО ПОЛНО ЦРКОВНО ЕДИНСТВО Црквата не одлучува според политика, туку за спасение на луѓето

Српскиот патријарх Порфириј во интервју за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“, дадено за време на неговата неодамнешна посета на Русија, изјави дека македонскиот црковен раскол е конечно надминат благодарение на Божјата љубов и промисла, при што нагласи дека верниците во Македонија сега се браќа и сестри „во потполната смисла на зборот“.

Патријархот се осврна на процесот на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), нагласувајќи дека одлуката на Српската православна црква (СПЦ) била донесена едногласно, со полнотата на архиерејскиот собор. Тој подвлече дека решението било резултат на молитвено и соборно размислување, водено исклучиво од духовната грижа за спасението на верниците.

„Многумина не можат да го разберат тоа. Некои дури велат дека направивме компромис и ги предадовме интересите на српската црква и народ. Но, дури и историски и канонски, црковните територии на денешна Македонија припаѓале на СПЦ само во периодот од 1920 до 1966/67 година. Во сите други времиња, па и во времето на Свети Сава, тие не биле под јурисдикција на СПЦ“, истакна Порфириј.

Тој додаде дека Црквата не смее да ги меша политичките со црковните прашања, бидејќи нејзината примарна мисија е духовна – спасението на секој човек.

„Како црковни луѓе, не смееме да дозволиме политичките интереси да ја замаглат духовната природа и мисија на Црквата. Нашата задача е да се грижиме за спасението на душите, не за границите на државите“, посочи патријархот.

Во врска со начинот на одлучување во СПЦ, тој потенцираше дека не постои авторитарно владеење, туку соборност.

„Кај нас првиот е primus inter pares – прв меѓу еднаквите. Ниту една одлука не е донесена самоволно, па дури ни од патријархот. Црквата е соборна, а оваа одлука е резултат на единство и молитва на сите архиереи“, рече Порфириј.

Осврнувајќи се на пошироките предизвици со кои се соочува православниот свет, патријархот ги нарече моменталните несогласувања „искушенија“ кои секогаш постоеле, особено кога доминира човечката логика и индивидуализмот. Тој изрази надеж дека сегашната криза ќе доведе до „триумф на единството, љубовта и заедништвото“, и дека Црквата ќе продолжи да сведочи како „една, света, соборна и апостолска“.

Интервјуто е пренесено и од македонскиот црковен портал „Литургија.мк“.

CATEGORIES
Share This