СОВЕТОТ ГО ИЗГЛАСА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ – Средства за инфраструктура, училишта и новогодишни украси
Буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции растат за речиси 99 милиони.

Со ребалансот на градскиот буџет, усвоен денеска со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“, ќе се обезбедат и 70.000 евра за новогодишно украсување и организација на прославата, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седницата на Советот на Град Скопје.
Ѓорѓиевски истакна дека ребалансот претставува прв значаен чекор кон финансиска консолидација на градот. Со него буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Дополнително, се кратат непродуктивните трошоци со цел да се обезбеди стабилна исплата на плати во јавните претпријатија.
Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните автобуски превозници, активирање на проектот „Градски воз“ во соработка со Министерството за транспорт, набавка на 80 нови автобуси од страна на Владата, како и започнување на активности за разгледување на БРТ-системот.
Сите училишта под надлежност на Град Скопје ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, паметни табли, информатички кабинети, како и неопходните училишни клупи и столчиња. За секој првенец на генерација ќе биде набавен лаптоп.
Ребалансот предвидува и оформување на нови зелени зони, меѓу кои парковите „Христијан Тодоровски-Карпош“ и „Лепенец“, како и 50 мали паркови на различни локации низ градот.
Во делот на инфраструктурата ќе продолжи реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, изградбата на кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар „Александар Македонски“, првата фаза од булевар „Хрватска“, работите на булевар „АСНОМ“ и клучката кај „Момин Поток“. Обезбедени се средства и за изработка на проектна документација за неколку улици, како и за експропријација потребна за реализација на големи булеварски зафати, меѓу кои продолжувањето на булевар „Борис Трајковски“.


