СОСТОЈБАТА НА ПАТИШТАТА Суви коловози, но потребна претпазливост

СОСТОЈБАТА НА ПАТИШТАТА Суви коловози, но потребна претпазливост

Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива во зимски услови, но по претежно суви коловози. Според надлежните служби, фреквенцијата на возила надвор од градските средини е умерена, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

И натаму е на сила забрана за движење на товарни моторни возила на граничниот премин Меџитлија – Ники, каде ограничувањето ќе трае до 10 јануари во 10 часот, додека патничките возила сообраќаат без ограничувања.

Од Авто мото сојузот на Македонија апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците што минуваат низ клисури, котлини и речни долини, каде постои можност од одрони. Посебна претпазливост се препорачува на правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во сила останува и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која важи од 15 ноември 2025 година и ќе трае до 15 март 2026 година, без оглед на моменталните временски услови.

Поради сезонски режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица е затворен за сите видови возила и ќе остане непрооден до крајот на март.

Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ државата се изведуваат градежни работи, поради што се применуваат временски измени на режимот на сообраќај, вклучувајќи пренасочувања и наизменично пропуштање на возилата. Надлежните служби информираат дека сигнализацијата е поставена и апелираат на дополнителна внимателност при движење низ овие делници.

CATEGORIES
Share This