СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Без гужви и прекини

СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Без гужви и прекини

Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива непречено, по суви коловози, со умерен интензитет на движење на возилата надвор од градските средини. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.

На експресниот пат А2, Крива Паланка – Страцин, кај село Петралица, од 12 септември е воспоставен времен режим на сообраќај поради градежни активности. Во текот на денот, од 07:00 до 17:00 часот, сообраќајот се регулира со знаменца, а во останатиот дел од денот со семафори. На патниот правец Гостивар – Тетово, од патарина до патарина, од 3 септември во период од две седмици се вршат градежни истражувачки работи, поради што сообраќајот се одвива под времен режим.

Во тек се повеќе градежни активности. Од 12 септември се врши санација на свлечиште на регионалниот пат Р1202, делница Косоврасти – Мелнички Мост, при што е воспоставен времен режим на сообраќај до завршување на работите. Од 1 септември се врши санација на мостот Здуње на реката Вардар на државниот пат А2, делница Гостивар – Стража, каде е воведена временa семафоризација и наизменично пропуштање на возилата, кое ќе трае шест месеци.

Поради изградбата на делницата Градско – Дреново, дел од Коридор 10д, на експресниот пат А1 беше воспоставена измена на режимот на сообраќај од 4 август до 16 септември, со пренасочување на возилата и соодветна сигнализација. Во Битола, од 26 мај е затворен за сообраќај мостот на реката Драгор на улица „Довеџик“ поради санација, а движењето е пренасочено преку времен премин.

На регионалниот пат Р2337 Кичево – крак со село Цер, од 12 мај до завршување на работите, сообраќајот е целосно затворен секој ден од 10:00 до 16:00 часот поради асфалтирање. Од 13 мај се врши санација на мост на реката Вардар на делницата Гостивар – Стража, со воведена измена на режимот. На делницата Желино – Тетово, од 24 април има привремена промена на режимот на движење поради геодетски снимања, каде во неколку фази се затвора една сообраќајна лента.

Реконструкција на дилатациони спојки се врши и на дел од автопатот Неготино – Велес, кај клучка Неготино, од 9 април во времетраење од 15 дена, при што сообраќајот се одвива во една лента. Како дел од изградбата на Коридор 10д, од 3 април сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола е пренасочен преку регионалниот пат од клучка Лагово до Тополчани, а режимот ќе трае до завршување на активностите.

На делницата Градско – Дреново, од 17 март до 4 април, поради монтажа на дилатации на вијадукти и мостови, сообраќајот беше пренасочуван на одредени делови. На магистралниот пат А1, делница Фариш – Прилеп, од декември 2024 година до завршување на работите, се врши санација на ударни дупки. На делницата Прилеп – Битола, поради изградбата на Коридор 10д, од 8 октомври 2024 година сообраќајот е пренасочен од клучка Тополчани по патот Р1101 до депонија Алинци, а овој режим ќе трае една година.

АМСМ апелира до возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои опасност од одрони. Тоа се однесува особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица од 17 април годинава е отворен за сообраќај за возила со тежина до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This