СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО Внимателно на делниците со работи и можни одрони

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива без поголеми потешкотии и по претежно суви коловози, информираат надлежните служби. Интензитетот на возила надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Граничниот премин Евзони, односно Богородица, е отворен за сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија потсетуваат дека од средината на ноември е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март 2026 година, независно од актуелните временски услови.
Надлежните служби апелираат на зголемена внимателност при возењето, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на поситни одрони. Како потенцијално ризични се посочуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Од „Македонијапат“ уверуваат дека состојбата постојано се следи и дека евентуалните одрони редовно се отстрануваат.
Во меѓувреме, поради сезонски режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица останува затворен за сите видови возила и ќе биде непрооден до крајот на март наредната година.
На повеќе патни правци низ државата во тек се градежни активности, поради што се применуваат временски измени на режимот на сообраќај. На обиколницата околу Скопје, на државниот пат А2, се врши санација на потпорни ѕидови, поради што сообраќајот е пренасочен. Слични зафати се изведуваат и на експресниот пат Крива Паланка – Страцин, каде во текот на денот сообраќајот се регулира рачно, а во вечерните часови со семафори.
Работи се изведуваат и на повеќе регионални и магистрални патишта, меѓу кои Косоврасти – Мелнички Мост, Гостивар – Стража, Желино – Тетово, Прилеп – Битола, како и на делници од автопатот Неготино – Велес и патот Фариш – Прилеп. Поради санација на мостови и асфалтирање, на одредени делови сообраќајот се одвива наизменично или е целосно затворен во одредени временски интервали.
Надлежните служби апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на делниците каде се изведуваат градежни активности.


