СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО На Табановце се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта утрово (31 август, 06:00 часот) се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на движење надвор од градските средини е зголемен поради летните одмори. На Граничниот премин Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 20 минути, додека на останатите премини нема подолги задржувања.
АМСМ препорачува возачите да се движат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат внимателни, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои опасност од одрони. Најризични се патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
До денес, 31 август, важи летниот режим на сообраќај со кој е забрането движење на тешки товарни возила со маса над 15 тони за време на викендите и при екстремно високи температури. Забраната беше во сила во петок од 17:00 до 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот. Во денови со екстремна жештина, таа се применуваше и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот. Исклучоци се однесуваат на возила со хуманитарна помош, живи животни, цвеќе, жито, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, како и превоз за изведба на државни проекти.
Исто така, на магистралниот пат А2 (Скопје – Охрид – Скопје) до 1 септември е забрането движењето на товарни возила потешки од 7,5 тони за време на викендите. Термините на ограничување се петок од 15:00 до 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела од 07:00 до 22:00 часот. Целта е да се намалат застои, особено на пат кон охридскиот регион, и да се овозможи побрз и непречен проток на туристите.

