СООБРАЌАЈОТ НИЗ МАКЕДОНИЈА СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО Внимателност поради можни одрони

СООБРАЌАЈОТ НИЗ МАКЕДОНИЈА СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО Внимателност поради можни одрони

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено и без поголеми застои, по претежно суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) во редовниот извештај за состојбата на патиштата од 6 часот утрово. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони. Најризични делници во овој период се оние меѓу Катланово и Велес, Маврово и Дебар, како и на патните правци кон Берово и Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица и оваа сезона останува отворен за возила со маса до 3,5 тона, откако беше пуштен во сообраќај во април годинава.

На повеќе места низ земјата се изведуваат градежни активности кои го менуваат редовниот режим на сообраќај. На обиколницата околу Скопје се врши санација на потпорни ѕидови кај подпатникот, при што сообраќајот помеѓу клучките Волково и Кондово е целосно затворен и се одвива двонасочно по една лента во спротивниот правец. Во тек е и регулација на сообраќајот на експресниот пат Крива Паланка – Страцин поради градежни активности кај селото Петралица, каде преку ден сообраќајот се контролира рачно, а ноќе со светлосна сигнализација.

Во Источна Македонија се врши санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост, додека на делницата Гостивар – Стража, на мостот кај Здуње, сообраќајот се одвива наизменично по една лента поради реконструкција. Сличен режим е воспоставен и на експресниот пат Градско – Дреново, каде се работи на дел од коридорот 10д, а сообраќајот е пренасочен и регулиран со поставена сигнализација. Во Битола, кај мостот на реката Драгор на улицата „Довеџик“, сообраќајот е пренасочен преку девијација поради санациони работи.

Патот Кичево – Цер е затворен секој ден од 10 до 16 часот поради асфалтирање, а на делницата Желино – Тетово се изведуваат геодетски мерења, со што една сообраќајна лента периодично е затворена. На автопатот Неготино – Велес се реконструираат дилатациони спојки, со сообраќај кој се одвива по една лента во насока кон Велес.

На патниот правец Прилеп – Битола, каде што се изведуваат активности на новиот коридор 10д, возилата се пренасочени по регионалниот пат преку Лагово и Тополчани. На делницата Фариш – Прилеп, компанијата „Стентон Градба“ врши санација на ударни дупки, а во истиот регион важи и пренасочување на сообраќајот поради изградба на новата траса на патот кај Тополчани.

АМСМ ги потсетува возачите дека состојбите на патиштата се менуваат зависно од временските услови и градежните активности и препорачува зголемено внимание при возење, особено во деловите каде што се воспоставени временски режими на сообраќај. Информации за актуелната состојба на патиштата се достапни во текот на целиот ден на веб-страницата и телефонската линија на Автомотосојузот на Македонија.

CATEGORIES
Share This