СООБРАЌАЈОТ КОН ЌАФАСАН И НАТАМУ ВО ПРЕКИН Внимателно возење низ земјава

СООБРАЌАЈОТ КОН ЌАФАСАН И НАТАМУ ВО ПРЕКИН Внимателно возење низ земјава

Сообраќајот кон граничниот премин „Ќафасан“ и утрово е во целосен прекин во двата правци, информираат надлежните служби во најновиот билтен за состојбата на патиштата, објавен на 1 јануари 2026 година во 6:35 часот.

На останатите државни патишта сообраќајот се одвива непречено, по претежно суви коловози, а интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март 2026 година, без разлика на моменталните временски услови.

Поради можност од појава на одрони, возачите се повикуваат на зголемена внимателност и прилагодување на брзината, особено на патните правци низ клисурите и речните долини. Како критични делници се наведуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во зимски режим останува и патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“, кој е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.

Истовремено, на повеќе патни правци во земјава се изведуваат градежни активности со времена измена на режимот на сообраќај. Рехабилитација се врши на дел од скопската обиколница, каде е затворена левата лента за претекнување, додека сообраќајот се одвива по преостанатите ленти со соодветна сигнализација.

Промени во сообраќајниот режим има и на експресниот пат Крива Паланка – Страцин, како и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште. На делницата Гостивар – Стража, кај мостот Здуње, сообраќајот се регулира наизменично со семафори.

Дополнително, поради изведба на работи во рамки на Коридор 10Д, движењето на возилата на патниот правец Прилеп – Битола е пренасочено по регионалниот пат Р1101, на потегот од клучка Лагово до Тополчани.

CATEGORIES
Share This