СОМНИТЕЛНИ ОПЕРАЦИИ – Министерството за здравство ангажира тројца странски кардиолози

Странски експерти од Словенија и Италија ќе ја разгледуваат серијата сомнителни кардиоваскуларни интервенции.

СОМНИТЕЛНИ ОПЕРАЦИИ – Министерството за здравство ангажира тројца странски кардиолози
Фото: Архива

Министерството за здравство ќе консултира тројца странски експерти во врска со сомнителни или непотребни кардиоваскуларни интервенции а нивните имиња веќе излегоа во јавноста.

Станува збор за кардиохирургот Никола Лакиќ од Љубљана, кардиохирургот Уголино Ливи од Италија и интернистот и специјалист за интензивно лекување Хугон Можина од Љубљана.

Дел од домашните кардиолози изразуваат сомнеж во изборот на експертите, особено поради отсуството на интервентен кардиолог во тимот, кој е клучен за поставување на точна дијагноза. Дополнително, се поставува прашањето зошто постапката за ангажман на странски експерти траела со месеци, иако веќе постои мислење од 16 врвни домашни кардиолози и кардиохирурзи за повеќе потврдени случаи.

Од Министерството информираат дека е направена минимална промена во составот на домашната Комисија и за  нов член е назначен директорот на Институтот за судска медицина, д-р Александар Станков, додека претседавач останува д-р Жарко Христовски. Според експертски извори, токму оваа измена предизвикала дополнителни реакции и незадоволство.

Случајот опфаќа повеќе од десет операции кои, според анализите, биле извршени без медицинска индикација. И покрај тоа што анализите се доставени до надлежните институции, засега нема официјално постапување од Јавното обвинителство.

CATEGORIES
Share This