СОМНИТЕЛНИ ИНТЕРВЕНЦИИ НА СРЦЕ – 15 нови претставки, вупно 25 претставки досега стигнаа до ФЗО
Клековски нагласи дека индивидуалната одговорност мора да се санкционира, бидејќи грешките се лични и тие треба да бидат поука за сите.

Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои веќе се препратени до Министерството за здравство за понатамошно постапување. Пет од претставките се поднесени индивидуално, а десет се од здравствени установи. Со ова, вкупниот број на претставки за вакви интервенции се искачи на 25, информираше генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.
Тој појасни дека претставките се однесуваат на различни временски периоди, од кои најстарата датира од 2010 година. Според него, се издвојуваат три категории поплаки: интервенции изведени без реална потреба, пропуштени неопходни интервенции и изведени интервенции кај пациенти во терминална состојба, без очекуван медицински бенефит.
„Ова е слично со примената на скапи онколошки терапии кај терминално болни пациенти, каде палијативната нега е единствено соодветна. Тоа не се лесни одлуки, но мора да се донесат,“ нагласи Клековски.
Тој упати апел да не се очекуваат брзи резултати, бидејќи тоа може да доведе до погрешни заклучоци.
„Мораме длабоко да навлеземе во процесот и да учиме од грешките за да ја вратиме довербата во здравствениот систем. Брзината е помалку важна од квалитетот,“ рече тој, посочувајќи дека доколку се утврдат сериозни грешки, тие ќе треба да завршат со кривични постапки.
Клековски нагласи дека индивидуалната одговорност мора да се санкционира, бидејќи грешките се лични и тие треба да бидат поука за сите.
„Надвор од неколку случаи на мито од 100 евра, немаме сериозни санкции во здравството, иако има сериозни случаи. Затоа случајот со Онкологија, а и овој со кардиолошките интервенции, мора да бидат спроведени до крај,“ истакна директорот на ФЗО.


