СОЛИДАРЕН ДАНОК – Владата им ги враќа уплатените средства на компаниите

Процесот е организиран со стопанските комори, а изборот на март се совпадна со рокот за завршни сметки и данок на добивка.

СОЛИДАРЕН ДАНОК – Владата им ги враќа уплатените средства на компаниите
Фото: Национал

Компаниите што во 2023 година уплатиле средства по основ на Законот за данок на солидарност ќе добијат половина од уплатените средства во март оваа година. Тоа го најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на денешната седница во Собранието.

„Половина од уплатените 3 милијарди денари ќе бидат вратени во март. Процесот беше сложен, но Министерството за финансии беше транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор. Прво се воспостави дијалог со стопанските комори за да се утврди заеднички пристап, а потоа Владата во август 2025 година нè задолжи да испратиме официјални дописи до сите 156 компании за избор на моделот за враќање на средствата. Предлогот за враќање на две рати,  првата во март 2026 година и втората во март 2027 година беше прифатен од поголемиот дел од компаниите“, изјави министерката.

Таа објасни дека изборот на март е намерен, бидејќи тој период се поднесуваат завршни сметки и се плаќа данок на добивка, што овозможува усогласување со обврските на компаниите.

Министерката исто така нагласи дека е подготвен и објавен во „Службен весник“ правилникот за барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, заедно со упатството за пополнување, по што компаниите можат да поднесуваат барања до Управата за јавни приходи.

Таа потсети дека Законот за данок на солидарност е донесен во 2023 година, но на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништи.

„Собрани се 3 милијарди денари со закон кој беше неуставен, средствата се потрошени, а оваа Влада ги враќа. Предлагачите очигледно знаеле дека ќе ги изгубат изборите во 2024 година, па некој друг ќе мора да се грижи за враќањето на средствата. Ниту една одлука на оваа Влада не беше ад-хок или недоговорена со приватниот сектор, ниту пак дополнително го оптоварија бизнисот или граѓаните“, заклучи Димитриеска-Кочоска.

CATEGORIES
Share This