СОФИЈА ПРОТИВ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Мицкоски откри зошто падна Акцискиот план
Главната забелешка од Софија се однесувала на употребата на македонскиот јазик, додека ниту една друга членка на ЕУ немала реакции

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека главната забелешка на Бугарија на Акцискиот план за малцинствата се однесувала на употребата на македонскиот јазик, нагласувајќи дека ниту една друга земја членка на Европската унија немала забелешки на документот.
Според него, ова уште еднаш покажува дека спорот со Бугарија нема врска со исполнувањето на Копенхагенските критериуми, туку дека проблемите се „многу подлабоки“. Мицкоски информираше дека во моментов не постојат никакви контакти меѓу Скопје и Софија, ниту билатерални, ниту со посредство на Брисел обвинувајќи ја бугарската страна дека одбила неколку иницијативи за средби предложени од Европската комисија, како и од Париз и Берлин.
„Ние предупредувавме дека, дури и да го направиме најдобриот можен Акциски план за малцинствата, тој ќе биде одбиен од бугарските власти. За жал, тоа и се случи“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето нова детска градинка во Сопиште.
Тој објасни дека изработката на Акцискиот план траела неколку месеци и била спроведена според насоките од Брисел, со вклучување на врвни експерти од Советот на Европа и со јавна дебата, како и со усвојување во Владата и во Собранието.
„Во изготвувањето учествуваше врвен и меѓународно признат експерт од Италија. Направивме сè како што беше побарано“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека на сугестија од Брисел, Акцискиот план бил испратен до Бугарија ден однапред, како гест на добра волја, но реакцијата од Софија била негативна бидејќи документот бил напишан на македонски јазик.
„Македонскиот јазик е официјален јазик согласно Уставот и јас како премиер не можам да го прекршам Уставот. Ако некому му пречи македонскиот јазик, тогаш проблемот очигледно не е малцинскиот, туку е многу подлабок“, истакна тој.
Премиерот нагласи дека Владата е подготвена за разговори во било кое време и на било кое место, но дека сите досегашни иницијативи за средби биле одбиени од бугарска страна.
„Од една страна ни велат дека проблемот не е билатерален, туку европски, а од друга страна одбиваат средби во Брисел. Потоа се одбија иницијативите од Париз и Берлин. Треба да се одлучат – дали проблемот е билатерален или е прашање меѓу нас и Брисел“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека доколку станува збор за билатерален спор, тогаш тоа претставува директна билатерализација на процесот на пристапување во ЕУ и отстапување од европските принципи и меѓународното право.
На крајот, Мицкоски повтори дека главната забелешка на Бугарија била јазикот, додека останатите забелешки ги оцени како „небитни“.
„Сè друго сме подготвени да прифатиме, освен откажување од македонскиот јазик. Од мојот мајчин јазик нема да се откажам“, порача премиерот.


