СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ПОД ИСТРАГА – Дали зависноста е вградена во дизајнот
Европските регулатори предупредуваат дека бесконечното скролување, автоматското пуштање видеа и персонализираните фидови поттикнуваат прекумерен ангажман и можни штетни последици по менталното здравје.

Додека милиони луѓе секојдневно несвесно „скролаат“ низ своите телефони, европските регулатори отвораат сè поостро прашање: дали социјалните мрежи намерно се дизајнирани да создаваат зависност? Неодамнешната одлука на Европската комисија, според која „зависниот дизајн“ на TikTok го прекршува европското законодавство, повторно ја разгоре дебатата за влијанието на алгоритмите врз менталното здравје и однесувањето на корисниците.
Комисијата посочува дека функции како бесконечното скролување, автоматското пуштање видеа, постојаните известувања и силно персонализираниот фид можат да имаат штетни последици врз психичката и физичката благосостојба. Според регулаторите, ваквиот дизајн ги задржува корисниците на платформите подолго отколку што планирале, често без да забележат колку време поминало.
Слични обвинувања се разгледуваат и во САД. Во Калифорнија е покрената постапка против Google и Meta, во која тужителката, идентификувана како KGM, тврди дека апликации како Instagram се намерно дизајнирани за да создадат зависност, особено кај младите корисници.
Експертите укажуваат дека механизмите на социјалните мрежи функционираат по сличен принцип како слот-машините и нудејќи непредвидливи „награди“ во форма на лајкови, коментари и нова содржина. Наташа Шул, вонреден професор на Универзитетот во Њујорк, објаснува дека овие системи се потпираат на постојано очекување на нешто ново. Кристијан Монтаг, професор по когнитивни и мозочни науки на Универзитетот во Макао, додава дека секој лајк создава краткотрајно пријатно чувство, кое го мотивира корисникот повторно да објавува и да се враќа на платформата градејќи навика што може да стане компулсивна.
Со своите кратки видеа и автоматско пуштање, TikTok дополнително го забрзува овој циклус. Нов стимул се појавува на секои неколку секунди, а мозокот, кој природно реагира на новина, останува во постојан режим на очекување. Според Дарија Кус од Универзитетот Нотингем Трент, ваквиот „автопилот“ начин на консумирање содржина е поврзан со повисоки нивоа на анксиозност, страв од пропуштање, социјална изолација и осаменост.
TikTok ги отфрли наодите на Европската комисија како „категорично лажни“, истакнувајќи дека платформата нуди алатки за контрола на времето пред екран и други механизми за саморегулација.
Сепак, според експертите, суштинскиот проблем лежи во деловниот модел. Социјалните мрежи го мерат својот успех преку времето што корисниците го поминуваат на платформата, бидејќи токму тоа генерира приходи од рекламирање. Според Монтаг и Шул, таквиот систем природно го наградува максимизирањето на ангажманот и без оглед на последиците.
Како можна алтернатива се разгледуваат претплатнички модели, каде што платформите не би зависеле од реклами и следење на лични податоци. Иако корисниците традиционално не се навикнати да плаќаат за социјални мрежи, истражувањата покажуваат дека подготвеноста расте кога им се објаснува дека тоа може да значи помалку време пред екран и поголема контрола врз содржината.
Постојат и обиди за развој на јавни дигитални платформи. Европскиот супервизор за заштита на податоци во 2022 година ги лансираше EU Voice и EU Video, но тие беа затворени во 2024 година поради недостиг од средства. Во меѓувреме, работни групи како Инкубаторот за јавни простори развија над 100 прототипови за поквалитетни онлајн дискусии. Еден пример од Канадската радиодифузна корпорација овозможува реакции како „со почит не се согласувам“ или „ме натера да размислам“, наместо едноставни лајкови.
Како алтернатива се споменува и т.н. „федиверс“ – децентрализирана мрежа без реклами и следење податоци, која ги вклучува Mastodon, Pixelfed и PeerTube. Според податоци од 24 февруари, федиверзумот брои околу 15 милиони сметки, од кои 66 проценти се на Mastodon. Интересот за платформата порасна по купувањето на Twitter (денес X) од страна на Илон Маск во 2022 година. Сепак, експертите предупредуваат дека е исклучително тешко да се создадат платформи кои ќе бидат и популарни и ќе избегнат поттикнување прекумерен ангажман.
Во меѓувреме, корисниците можат да преземат лични мерки од преместување на апликациите во подлабоки папки, преку поставување временски ограничувања и исклучување известувања, до бришење на апликациите од телефонот и користење десктоп верзии. Монтаг предлага и враќање кон аналогни решенија, како користење рачен часовник или будилник, за да се намали потребата од постојано посегнување по телефонот.
Сепак, и Монтаг и Шул се согласуваат дека одговорноста не треба да паѓа само врз поединецот. Според нив, вистинската промена може да дојде само преку јасни регулаторни мерки што ќе постават ограничувања за дизајнот, времето на користење и заштитата на младите корисници. Дебатата, очигледно, допрва ќе се засилува и во време кога вниманието е највредната валута на интернетот.


