СОЧУСТВО ОД КОЧАНИ ДО КРАН МОНТАНА – Родители кои преживеале трагедија ја делат болката

Сочувство и солидарност од семејства кои ја преживеале трагедијата

СОЧУСТВО ОД КОЧАНИ ДО КРАН МОНТАНА – Родители кои преживеале трагедија ја делат болката
Фото: Национал

Родителите и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани изразија длабока емпатија кон жртвите на пожарот во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде што најмалку 47 лица загинаа во огнената стихија во бар. Членовите на „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, кои сами преживеале трагедија со ненадејна загуба на најблиските, испратија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Тие наведуваат дека веста за пожарот ги потсетила на денот кога нивните животи се поделиле на „пред“ и „по“.

„Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога останува празно столче, кога тишината зборува повеќе од зборовите и кога секој здив е тежок“.

Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Сме со вас не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.

Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака да знаеш дека не си сам во болката. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување.

„Стоиме на располагање за секаква поддршка – со разбирање, тивка помош и срце кое знае. Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите им посакуваме сила да продолжат“, стои во објавата на Здружението.

Катастрофалниот пожар на новогодишната забава во луксузниот ски-центар Кран-Монтана шокираше јавноста. Повеќе од 40 лица загинаа, а 115 беа повредени, мнозинството сериозно.

„Ова е една од најтешките трагедии во историјата на нашата земја. Сме уништени“, рече швајцарскиот претседател Ги Пармелен, опишувајќи го настанот како „драма во Кран-Монтана“.

CATEGORIES
Share This