СОБРАНИЕТО ВО ЗАСТОЈ И ПО ДВА МЕСЕЦИ Нема седници, нема закони, има само плата
Од 15 септември нема седници, закони или дебати – реформите стојат, а пратениците ја продолжија паузата по изборите

Пратениците, кои од 15 септември не се појавуваат на работа поради изборните активности, ја продолжија паузата и оваа недела. Во континуитет нема закажани пленарни седници, ниту состаноци на собраниските комисии. Недостасуваат материјали и предлог-закони од Владата и министерствата, а пратениците, очигледно, немаат ниту волја ниту иницијатива да предложат нешто сами.
Последен пат, пратениците од СДСМ поднесоа пакет социјални и работнички закони, засновани на неисполнетите ветувања од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, но владејачкото мнозинство не ги поддржа.
На официјалната веб-страница на Собранието, во делот „материјали“, моментално има само еден предлог-закон – измена на Законот за гранична полиција, која се сведува на бришење на два члена (56 и 57). Подносител е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од реформски или развојни закони – нема ниту трага.
Нема активности ниту од Министерството за правда, кое треба да биде носител на законодавните реформи. Според бројот на пристигнати материјали во Собранието, изгледа како државата воопшто да нема функционална влада и министерства.
Единствен документ кој редовно пристигнал, како и секоја година, е предлогот за новиот Буџет затоа што роковите мора да се почитуваат.


