СОБРАНИЕТО ДЕНЕСКА СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА Ќе заседуваат пет комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат пет комисии: Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Комисијата за здравство, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како и Законодавно-правната комисија.
Пред Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе се разгледуваат годишните извештаи за 2022 и 2023 година за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 и Националниот акциски план за родова еднаквост 2022–2024, како и Годишниот извештај за 2024 година за имплементацијата на истите документи.
На дневен ред на Комисијата за здравство е Предлог-законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, кој ќе се разгледува по скратена постапка.
Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за повеќе значајни точки, меѓу кои Ревидираната фискална стратегија на Република Македонија за периодот 2026–2030 година во второ читање. Пред пратениците ќе се најдат и неколку законски решенија по скратена постапка, меѓу кои Предлог-законот за задолжување на државата со заем од Европската банка за обнова и развој за проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Македонија – Транспорт АД Скопје, како и измени на законите за данокот на додадена вредност, за спречување перење пари и финансирање тероризам, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за платежни услуги и платни системи.
На Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред е Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници, исто така по скратена постапка.
Законодавно-правната комисија ќе ги разгледува повеќето од овие законски решенија, вклучувајќи ги измените на законите за лековите и медицинските средства, за задолжување кај ЕБОР, за ДДВ, за спречување перење пари, за придонеси од задолжително социјално осигурување, за платежни услуги и платни системи, како и измените на Законот за административни службеници, сите по скратена постапка.


