СОБРАНИЕТО ЈА ОДРЖУВА 83-ТА СЕДНИЦА – Нови членови на ДИК и КСЗД, измени на Кривичниот законик
Усогласување со меѓународни стандарди - Истанбулската конвенција и проекти за безбедност

Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 83-та пленарна седница, на чиј дневен ред се изборот на новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК), избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), како и неколку законски решенија од значење за правниот и институционалниот систем на државата.
Пратениците ќе расправаат и за Дополнетиот предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик во второ читање, како и за Предлог-законот за задолжување на државата со заем од Кредитната банка за обнова – КфВ, наменет за финансирање на втората фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и објекти за ученици и студенти со попречености, по скратена постапка.
За седумчлениот состав на ДИК беа пријавени вкупно 16 кандидати, а на 21 јануари собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ги утврди предлозите за нови членови.
За претседател на ДИК од редовите на СДСМ е предложен Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право. За потпретседател, од Движењето Беса – дел од коалицијата БРЕДИ, е предложен Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки.
За членови на Комисијата се предложени Александар Даштевски, Ангелчо Ристов и Светлана Карапетрова од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Кондарко од СДСМ и Дитмире Шеху од ДУИ.
ДИК е составена од претседател, потпретседател и пет члена, со мандат од пет години и можност за уште еден последователен избор. При изборот се применуваат принципите на соодветна застапеност, правична етничка распределба и родова еднаквост.
На дневен ред е и изборот на нови членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Од вкупно 14 пријавени кандидати, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ги утврди Лимко Бејзароски, Наташа Амдију и Џихан Ахмед како предлози за членови на КСЗД.
Во второ читање ќе се најде и Дополнетиот предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од вкупно 14 поднесени амандмани, прифатени се два – по еден од власта и опозицијата, 11 се одбиени, а еден е повлечен.
Со предложените измени се постапува согласно одлуката на Уставниот суд од февруари 2025 година и се настојува да се отстранат слабостите во постојните законски одредби. Предвидено е заострување на казнената политика за кривичните дела злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, со цел зајакнување на борбата против високата корупција и усогласување со забелешките на Европската комисија.
Дополнително, се воведува ново кривично дело – злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина, со што се зајакнува заштитата на приватноста и се пополнуваат правните празнини во досегашната практика.
Со измените се проширува и примената на проширената конфискација, се врши усогласување со Истанбулската конвенција и се редефинира кривичното дело телесна повреда во случаи на родово базирано и семејно насилство, кое ќе се гони по службена должност.
Предлог-законот опфаќа и дополнувања поврзани со трговијата со деца, безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети, како дел од пакетот закони во рамки на проектот „Безбеден град“.

