СО СЕКИРА СЕ ЗАКАНУВАЛ ВО КАЗИНО Битолчанец осомничен за разбојништво

СО СЕКИРА СЕ ЗАКАНУВАЛ ВО КАЗИНО Битолчанец осомничен за разбојништво

Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против 53-годишен жител на Битола, за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело разбојништво, согласно член 237 став 4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од обвинителството, инцидентот се случил на 15 декември во казино лоцирано на Широк Сокак. Осомничениот, поради незадоволство од изгубени пари на слот-апарати, со сериозни закани по животот и телото на вработена во казиното, побарал да му бидат вратени 8.600 денари.

Во еден момент, тој извадил секира која ја носел скриена под јакната и почнал да замавнува кон оштетената, заканувајќи се дека ќе ја нападне. Исплашена од агресивното однесување, жената извадила 8.600 денари од касата и му ги предала, по што осомничениот го напуштил објектот.

Јавниот обвинител, имајќи ја предвид тежината на делото, начинот на извршување и фактот дека лицето е претходно осудувано, оценил дека постои висок ризик од повторување на делото или бегство. Поради тоа, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.

CATEGORIES
Share This