СО КАМИОН НИЗ БИТОЛА Габриела Илиевска ја започна трката за градоначалничка
Возејќи камион, кандидатката од „Поинаку“ ја започна трката за Битола и порача дека ќе го посети секое маало за да ги слушне граѓаните.

Кандидатката за градоначалничка на Битола, Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива „Поинаку“, ја започна својата изборна кампања на необичен и симболичен начин – возејќи камион. Со ова, таа испрати порака дека жените можат и да возат камион, и да водат град, и да ги решаваат неговите проблеми.
Илиевска, која во изминатите четири години беше претседателка на Советот на Општина Битола, најави дека заедно со кандидатите за советници од „Поинаку“ ќе ги посетат сите маала, улици и рурални средини во општината за директно да ги слушнат потребите и предлозите на граѓаните.
„Со овој камион тргнуваме да си ја вратиме Битола“, порача таа.
На претстојните локални избори во Битола ќе се натпреваруваат осум кандидати за градоначалник – од кои четворица независни и 16 листи за советници со вкупно 504 кандидати. Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг, доколку биде потребен, на 2 ноември.


