СМРТНА КАЗНА ЗА ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ – Јун Сук-јеол пред историска пресуда
Обвинителството го товари поранешниот претседател за заговор за поткопување на уставниот поредок преку нелегално прогласување вонредна состојба

Јужнокорејските обвинители побараа смртна казна за поранешниот претседател Јун Сук-јеол, кој се соочува со обвиненија за поттикнување бунт и заговор за дестабилизација на уставниот поредок, објави новинската агенција Јонхап.
Според обвинението, Јун заедно со поранешниот министер за одбрана и други соработници планирал и реализирал активности со цел нелегално прогласување вонредна, односно воена состојба, без да постојат уставни или законски основи за таков чекор.
Обвинителите тврдат дека поранешниот претседател наредил мобилизација на армијата и полицијата за блокирање на зградата на Националното собрание, со цел да им се спречи на пратениците да гласаат против декретот за вонредна состојба. Дополнително, тој наводно издал наредби за апсење и притворање на претседателот на парламентот, како и на лидерите на владејачката и главната опозициска партија во тој период.
Последното судско рочиште во овој случај се одржа денеска, а според правни извори на кои се повикува Јонхап, пресудата се очекува на почетокот на февруари.
Иако обвинителството бара смртна казна, Јужна Кореја од 1997 година нема извршено ниту една егзекуција. Поради тоа, „Амнести интернешнл“ ја класифицира земјата како држава што фактички ја укинала смртната казна.


