СЛУЧАЈ СИНЏИР Фахми Стафа во 30-дневен притвор поради поткуп

Судот ја прифати одлуката на Обвинителството поради ризик од бегство и влијание врз сведоци.

СЛУЧАЈ СИНЏИР Фахми Стафа во 30-дневен притвор поради поткуп
Фото: Принтскрин

На поранешниот народен правобранител, Фахми Стафа, му е определен притвор од 30 дена поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци, соопшти Основниот кривичен суд. Судот го прифатил предлогот на Обвинителството, кое претходно информираше дека во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание за интервенција кај судија во Апелациониот суд Скопје. Според обвинението, преку поткуп требало да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.

Истрагата утврдила дека Стафа првично побарал 100.000 евра за да обезбеди укинување на мерката притвор за лице кое е недостапно за органите на прогонот и против кое ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води посебна постапка за кривични дела поврзани со јавните финансии, платниот промет и стопанството.

Лицето во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов познат како Ѓаволот, е оној за кого Стафа требало да обезбеди укинување на притворот. Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што било понудено и обезбедување гаранција. Пецов засега останува недостапен за органите на прогонот.

CATEGORIES
TAGS
Share This