СЛУЧАЈОТ СО ДИРЕКТОРКАТА ОД ДЕМИР ХИСАР СЕ РАЗРЕШУВА? МВР најави разрешување на началникот на полицијата

СЛУЧАЈОТ СО ДИРЕКТОРКАТА ОД ДЕМИР ХИСАР СЕ РАЗРЕШУВА? МВР најави разрешување на началникот на полицијата

Случајот со директорката на средното училиште во Демир Хисар, Маја Лозановска, предизвика бурни реакции во јавноста, откако полицијата изврши претрес во нејзиниот дом по судска наредба. Настанот отвори серија обвинувања за политички притисок, злоупотреба на службена положба и полициска бруталност.

Адвокатот на Лозановска, Жарко Стевановски, најави дека во вторник ќе излезат со детални информации, нарекувајќи го случајот „предизборен обид за разрешување“.

Опозициската СДСМ обвини дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја претворил полицијата во „партиска алатка за заплашување“. Политичката партија Левица, пак, тврди дека началникот на ОВР Демир Хисар, Роберт Мартиноски, бил суспендиран во минатото поради сомнеж за барање рекет, но под водство на Тошковски бил поставен на сегашната функција.

Од Битолското јавно обвинителство потврдија дека е издадена наредба само за претрес, но не и за приведување или итен распит на лице. „Законската процедура е целосно испочитувана, а спроведувањето е во надлежност на полицијата“, стои во соопштението.

Министерството за внатрешни работи информираше дека внатрешната контрола утврдила неетичко и непрофесионално однесување на началникот на демирхисарската полиција и најави негово разрешување.

На социјалните мрежи се појави и видео од претресот, кој, според судската наредба, е спроведен под сомнеж за кривично дело „одземање или уништување службен печат или спис“.

CATEGORIES
Share This