СЛУЧАЈОТ ЈОВАНОВ Преиначено обвинението за таткото на Васил Јованов

Обвинителот Александар Марковски изјави дека новите докази кои биле прибрани ја наметнале потребата од правна преквалификација на делото.

СЛУЧАЈОТ ЈОВАНОВ Преиначено обвинението за таткото на Васил Јованов
Фото: Принтскрин

Таткото на Васил Јованов, кој во јануари годинава на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова, ќе се гони за поблаго кривично дело. Основното јавно обвинителство Скопје го преквалификува обвинението – наместо за „предизвикување општа опасност“, Зоран Јованов сега се гони за „загрозување на безбедноста во сообраќајот“, што е помалку сериозно дело со предвидена казна од најмногу една година затвор или парична казна. Претходното обвинение носеше до три години затвор.

На денешното закажано рочиште во Основниот кривичен суд Скопје не се појавија ниту обвинетиот Зоран Јованов, ниту неговиот адвокат Сашко Дукоски. Судијката Снежана Марковска информираше дека судот двапати се обидел да ја достави поканата со обвинителниот акт, но неуспешно – доставата била вратена како неуредна бидејќи обвинетиот не бил пронајден на наведената адреса. Судот не успеал да стапи во контакт ниту со неговиот бранител.

Обвинителот Александар Марковски изјави дека новите докази кои биле прибрани ја наметнале потребата од правна преквалификација на делото. Се работи, според него, за техничка измена според начелото на специјалитет, со што делото останува суштински исто, но е попрецизно правно формулирано.

Обвинението се однесува на периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година, во кој Јованов, иако знаел дека неговиот син Васил нема возачка дозвола и е повторувач на сообраќајни прекршоци, му дозволувал да го вози неговото возило. По трагичната несреќа, родителите на Васил Јованов тврдеа дека тој го украл автомобилот.

На денешното рочиште присуствуваше и таткото на починатата Фросина Кулакова, кој изрази сомнеж во непристрасноста на процесот, укажувајќи дека истата судијка го води и предметот против Васил Јованов. Тој најави поднесување кривична пријава поради тоа.

Следното рочиште е закажано за септември.

CATEGORIES
Share This