СЛЕДНАТА НЕДЕЛА Клучна средба за кардиолошкиот скандал со непотребни стентирања
Странските експерти ќе ги анализираат наводите за медицински неоправдани кардиолошки интервенции

Следната недела се очекува да се одржи првиот состанок со странските експерти ангажирани за случајот со медицински неоправдани кардиолошки интервенции, кој во јавноста го отвори интервентниот кардиолог Сашко Кедев.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска информираше дека сите процедури од македонска страна се завршени и дека обемната документација е доставена до странските експерти, при што моментално се преведува на англиски јазик.
„Материјалот е навистина обемен. Првата средба, која ќе се одржи онлајн, ја очекуваме наредната недела. Не би прецизирал точен датум, бидејќи треба да се усогласи присуството на околу 20 луѓе“, изјави Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за здравство.
Случајот беше отворен откако Кедев пред неколку месеци јавно обелодени сомнежи дека во одредени болници се вршат непотребни срцеви интервенции, вклучително и неоправдани стентирања, со цел остварување финансиски профит.
По овие наводи, Министерството за здравство формираше интерна комисија, како и посебна комисија составена од тројца странски експерти.
На прес-конференција во ноември, министерот Алиу и членовите на домашната комисија соопштија дека од вкупно 25 пристигнати пријави за сомнителни случаи поднесени од граѓани и здравствени установи анализирани биле 19. Кај 10 пациенти било утврдено дека биле непотребно упатени на васкуларни интервенции.


