СЛАВЕСКИ НАЈАВУВА – Банкарските провизии паѓаат, девизни резерви растат

Законот за платежни услуги ќе овозможи повеќе бесплатни услуги и до четири бесплатни подигнувања готовина месечно

СЛАВЕСКИ НАЈАВУВА – Банкарските провизии паѓаат, девизни резерви растат
Фото: ЕМ Телевизија

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески информираше дека кај големите банки е направен значаен чекор во намалување на банкарските провизии.

„Големите банки не само што ги намалија провизиите во висина на намалените давачки, туку дополнително ги намалија за 15, 20, па дури и 30%, откажувајќи се од дел од сопствената заработка. Постои јасна тенденција на намалување на провизиите“, изјави Славески.

Славески најави дека наскоро се очекуваат измени на Законот за платежни услуги, со кои значително ќе се прошири функционалноста на основната платежна сметка. Според Народната банка, со законските измени ќе се овозможи:

-дозволено пречекорување на основната платежна сметка;

-ќе можат да ја користат и лица кои веќе имаат други сметки;

-ќе се прошири пакетот бесплатни услуги во интерниот и меѓубанкарскиот платен промет;

-ќе има до четири бесплатни подигнувања готовина месечно од банкомати на други банки.

Дополнително, Народната банка предложи приспособен пакет за микро трговците, со цел поттикнување на финансиската вклученост и натамошна дигитализација на плаќањата.

Исто така, Славески истакнува дека девизните резерви на земјата се на исклучително стабилно и сигурно ниво, што ја обезбедува основата за одржување на макроекономската стабилност. Според Славески, девизните резерви се зголемени за околу 50% во однос на 2019 година и достигнуваат приближно 4,9 милијарди евра. Тоа е комотно ниво кое гарантира стабилност на девизниот курс и овозможува простор за интервенции при потреба.

Тој потсети дека за време на пандемијата дел од резервите беа користени преку интервенции на девизниот пазар, но во наредниот период тие беа целосно надоместени.

Во моментов, девизните резерви обезбедуваат покриеност на увозот од 4,6 месеци, што надминува сите релевантни меѓународни стандарди и дополнително ја потврдува стабилноста на девизниот и финансискиот систем.

CATEGORIES
Share This