СЛАВЕЊЕТО СЕ ПРЕТОВРИ ВО КОШМАР Кран-Монтана завиена во црно

Пожар во подрумски бар на новогодишната ноќ однесе околу 40 животи

СЛАВЕЊЕТО СЕ ПРЕТОВРИ ВО КОШМАР Кран-Монтана завиена во црно
Фото: Принтскрин

Огромна трагедија ја потресе швајцарската скијачка дестинација Кран-Монтана на новогодишната ноќ, кога во пожар во популарен бар загинаа околу 50 лица, а речиси стотина беа повредени. Според досега потврдените информации, пожарот избувнал околу 13:30 часот, а првичните сомнежи укажуваат дека бил предизвикан од пиротехнички средства.

Еден од сведоците, 19-годишниот Мелко, изјави дека пиротехнички средства поставени на шишиња со пијалоци го зафатиле таванот на барот, што се совпаѓа со исказите на други очевидци. Пламенот се проширил со неверојатна брзина, предизвикувајќи паника меѓу стотиците посетители кои се наоѓале во подрумскиот дел од објектот.

Според сведоштвата, огнот за само неколку секунди стигнал до таванот, по што настанало стампедо кон единствениот излез. Бидејќи барот бил лоциран под земја и до него се пристапувало преку скали, евакуацијата била исклучително отежната. Официјалната истрага за причините на пожарот сè уште е во тек.

Кран-Монтана го дочека утрото во шок и неверување. Пошироката област околу барот беше целосно блокирана. Локалното население е длабоко потресено.

„Цела ноќ ги слушавме хеликоптерите. На почетокот не знаевме што се случува поради огнометот, а потоа го забележавме чадот. Страшно е – овој бар го посетуваат многу млади луѓе“, изјави еден жител.

Една мајка го опиша паничниот повик од својата 17-годишна ќерка:

„Ме повика во солзи и ми рече: ‘Мамо, има пожар, ужасно е, има мртви луѓе.’ За неколку секунди, славењето се претвори во кошмар“, раскажа таа.

Домарот на соседната зграда и неговата сопруга ги прифатиле евакуираните.

„Нè разбудија вресоци. Видовме густ црн чад и почувствувавме силна миризба. Брзата помош и пожарникарите пристигнаа многу брзо. Луѓето беа во паника, се плашеа дека огнот ќе се прошири. Многумина дојдоа кај нас им направивме кафе и останавме со нив до рано наутро“, раскажа домарот.

Од раните утрински часови, кантоналната полиција Вале ја држи областа под целосна блокада, додека форензичките екипи собираат докази. Спасувачката операција сè уште трае. Десетици амбулантни возила се распоредени на теренот, а повеќе хеликоптери постојано ги транспортираат најтешко повредените во болниците низ Швајцарија.

Една од болниците во Женева соопшти дека е во тек проценка на состојбата и дека се подготвуваат за прием на дополнителни пациенти.

За семејствата на оние кои биле во барот во моментот на пожарот, утрото донесе неизвесност и агонија. Властите отворија приемен центар во блискиот конгресен центар, каде роднините можат да добијат информации. Сцените таму се потресни.

„Замина и никој не знае каде е“, извика мајка која го бара својот син.

Надлежните упатија апел до граѓаните денес да избегнуваат ризични активности, од солидарност и со цел да не се оптоварат болничките капацитети.

CATEGORIES
TAGS
Share This