СЛАБА РЕАЛИЗАЦИЈА И НЕЕФИКАСНИ МЕРКИ Безбедноста на патиштата сè уште под европскиот просек
Државниот завод за ревизија утврди системски пропусти, неисполнети цели и недоволна координација во напорите за намалување на сообраќајните жртви

И покрај низа преземени активности за подобрување на безбедноста на патиштата, Македонија сè уште не ги постигнува очекуваните резултати. Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) открива дека институциите не постигнале соодветно ниво на безбедност, ниту на национално, ниту на европско ниво, при што мерките што се преземаат не се доволно ефикасни за да го намалат бројот на жртви во сообраќајните незгоди.
Според податоците на МВР, во периодот од 2020 до 2023 година се регистрирани 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 биле со потешки последици, а животот го загубиле 457 лица. Најчестите причини за незгодите се брзо возење, поминување на црвено, неправилно престигнување и недавање првенство, при што дури 41% од несреќите се случиле на територијата на Скопје.
Иако последната Национална стратегија за безбедност на патиштата го покривала периодот 2015–2020, за неа не постои извештај за реализација, ниту анализа на ефектите. Поставените цели – намалување на бројот на жртви, сериозно повредени и нула детски жртви – не се постигнати. Во 2020 година биле регистрирани 801 сериозно повредени лица, наспроти 985 во 2009, што е намалување далеку под планираното 40%. Осум деца го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а недостасува и дефиниција за категоријата „млад возач“, што оневозможува мерење на релевантни индикатори.
По 2020 година не е донесена нова национална стратегија. Политиките за безбедност се спроведуваат преку други документи, како што се Националната транспортна стратегија 2018–2030 и Стратегијата за интелигентни транспортни системи 2023–2032, но и тие не даваат очекувани резултати. Ревизорите посочуваат на бавна реализација, пролонгирани рокови, неефикасно користење на средства и дополнителни трошоци.
МВР поседува база на податоци за сообраќајни незгоди, но таа не е усогласена со европскиот CADaS протокол поради недостиг на географски координати. Ова, заедно со ограничувањата во апликациите, го оневозможува ефективното користење на податоците за планирање на мерки. Регистарот на возила сè уште не е воспоставен, иако е законски предвиден, а системот „Safe City“ не се користи за санкционирање прекршоци поради неусогласена регулатива.
Исто така, набавениот софтвер и опрема од страна на Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, вредни 7,3 милиони денари, до денес не се ставени во функција.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), иако има одговорности за безбедноста на инфраструктурата, работи со ограничени капацитети. Светска банка уште во 2014 година одобри заем од 52 милиони евра за подобрување на патиштата и поврзаност со европските коридори, но напредокот е скромен.
Проектот за поврзување на локалните патишта, што го спроведува Министерството за транспорт, доцни со имплементацијата – извештајот и акцискиот план подготвени во март 2023 година биле доставени дури во декември 2024.
И покрај воспоставените механизми за известување, мониторингот и евалуацијата се слаби или отсутни. Институциите не ги мерат ефектите од спроведените мерки, што спречува навремена корекција на слабостите во системот.
Ревизорите апелираат на итно носење нова национална стратегија, подобрување на институционалната координација и ефикасно користење на расположливите средства со цел навремено и одржливо подобрување на безбедноста на патиштата во земјата.


