„СКОПСКО ЛЕТО“ ЗАПОЧНУВА ВЕЧЕРВА уметност и музика што ги брише границите
Денеска започнува 46. издание на реномираниот културен фестивал „Скопско лето“, со настани кои ја обединуваат визуелната уметност и музиката во срцето на градот.

Во 19 часот, во Музејот на Град Скопје, ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на уметникот Томе Аџиевски. Инспириран од филмот „Сталкер“ на Тарковски, Аџиевски раскажува пет визуелни приказни за нарушената перцепција на вистината во македонскиот општествен контекст. Изложбата е поставена во старата железничка станица – симболичен простор помеѓу историјата и модерноста, утопијата и антиутопијата. Средствата собрани од симболичната продажба на каталози ќе бидат донирани на здружението „Anima Mundi“.
Во 20:30 часот, љубителите на музиката ќе можат да уживаат во концертот „Мостови на музиката: Софија – Скопје“ во Салата на Македонската филхармонија. Настапуваат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Софија, млади диригенти и солисти од Македонија и Бугарија. На програмата се дела од Вивалди, Моцарт, Лист и Чајковски.
Фестивалот започнува со силна порака: две сцени, два града, еден заеднички јазик – музиката. Влезот за двата настани е бесплатен.


