СКОПСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ВО АКЦИЈА – 371 „фантом“ работник остана без работа

Од „Комунална хигиена – Скопје“ отпуштени 371 лица кои со години земале плата без да се појавуваат на работа, потврди градоначалникот Ѓорѓиевски.

СКОПСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ВО АКЦИЈА – 371 „фантом“ работник остана без работа
Фото: Национал

Новата градска администрација започна со „чистка“ и во институциите – градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави дека од ЈП „Комунална хигиена Скопје“ се отпуштени 371 работник кои со години земале плата, а не се појавувале на работа.

„Тоа се луѓе што сите ние, скопјани, ги плаќавме со години, а не одеа на работа. Во минатото имаше само замени и лажни драми дека се постапува. Сега секој што направил злоупотреба, ќе биде отстранет“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека во тек е темелна ревизија на сите јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје. Според досегашните податоци, повеќе од 800 вработени навистина ги извршувале своите работни задачи, но дел од вработените биле фиктивно пријавени и со години земале плата без да работат.

„На ваквите појави им дојде крај. Секој што бил дел од овој систем на злоупотреби ќе сноси одговорност“, порача градоначалникот.

Со ова, акцијата за реорганизација и воведување ред и отчетност во градските претпријатија, што Ѓорѓиевски ја најави уште на првиот ден од стапувањето на функцијата, започнува да се спроведува во полн интензитет.

CATEGORIES
Share This