СКОПЈЕ ДОБИВА ГРАДСКИ ВОЗ – Драчево до центар за само 11 минути
Патување кое ќе ви го промени денот во Скопје со добивањето експресен воз

Проектот Градски воз во Скопје бележи значителен напредок. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави дека првата линија од Зелениково, преку Драчево и Кисела Вода, до Новата железничка станица ќе биде завршена до јуни, а од 1 септември ќе биде пуштена во сообраќај.
„Ветивме дека првата линија ќе биде завршена до јуни и го исполнуваме тоа ветување. ЈП Железници инфраструктура доста напредува со проектирањето на другите две линии, а работата оди побрзо од планираното, што ќе го скрати рокот за целосно завршување на проектот до крајот на 2027 година со три функционални линии,“ истакна Николоски.
Со набавката на нови автобуси, идејата е да се комбинира автобускиот и железничкиот превоз, со фреквенција на Градски воз од еден час. Николоски додаде дека пред почетокот на проектите постои сериозен процес на планирање, што овозможува завршување во предвидените рокови.
Според планот, прогресот на првата линија моментално изнесува 65%, што е согласно динамичкиот план. По завршувањето следува период на тестирање, со цел градскиот воз да почне со работа на 1 септември, со почетокот на новата школска година.
„Овој проект ќе помогне за растеретување на сообраќајот во Скопје и намалување на загадувањето. За таа цел работиме на дополнителни гарнитури на возови,“ нагласи Николоски.
Јавното претпријатие Железничка инфраструктура работи на проектирање на следните две линии. Очекувањата се дека оваа година ќе се распише јавен повик/тендер за двете делници, со што целосното завршување на проектот се очекува до крајот на 2027 година.
Во комбинација со проектот БРТ, до 2029 година се очекува целосна модернизација на сообраќајната инфраструктура во градот.
Директорот на ЈП Железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека се заменуваат дрвените прагови со бетонски, со цел возовите да можат да достигнуваат брзина до 90 км/ч, како и реконструкција на патните премини.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, додаде дека проектот овозможува патување од Драчево до срцето на Скопје за само 11 минути и дека рехабилитацијата опфаќа 25 километри пруга.
„Со степен на реализација од околу 65%, проектот веќе добива јасни контури на успех. Синхронизацијата меѓу автобусите и возовите ќе обезбеди непречен превоз низ целиот град,“ заклучи Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за посветеноста на проектот.
