СКАПИ РЕКТОРИ СО ПЛАТА ОД 4000 ЕВРА – Образованието без напредок
Во последните четири години, Владата доделила 18,5 милијарди денари за финансирање на јавните универзитети.

Ректорите на јавните универзитети во Северна Македонија се меѓу најплатените функционери во државата, со месечни нето-примања кои достигнуваат и до 4.000 евра, покажува истражувањето на Форумот за образовни промени. Најголем дел од овие примања доаѓаат преку функционални додатоци, кои се исплатуваат од сопствени средства на универзитетите.
На пример, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје добива месечно 203.775 денари, од кои 100.000 денари се функционален додаток. Ректорот на Универзитетот во Битола има уште повисока нето-плата – 244.834 денари, при што дури 141.059 денари се надоместок за функцијата. Платите на ректорите во просек се движат од 136.000 до 245.000 денари, без да се пресметаат додатоците за стаж, менторства и други надоместоци.
Наставниот и ненаставниот кадар на универзитетите прима значително зголемени плати. По зголемувањето од 50% во 2023 година, редовен професор добива основна нето-плата од 103.775 денари, без додатоците. Во јавните универзитети се вработени вкупно 4.656 лица како наставен и соработнички кадар.
Во последните четири години, Владата доделила 18,5 милијарди денари за финансирање на јавните универзитети. Но, според Форумот, распределбата на овие средства останува нетранспарентна и неправедна.


