СКАНДАЛИ, МИЛИОНСКИ ХОНОРАРИ И ТАЈНИ СВЕДОЦИ- Мицкоски побара одговори

Премиерот очекува новиот јавен обвинител да ги отвори чувствителните случаи од минатото и да ги објасни нерешените предмети.

СКАНДАЛИ, МИЛИОНСКИ ХОНОРАРИ И ТАЈНИ СВЕДОЦИ- Мицкоски побара одговори
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува новиот јавен обвинител, Ненад Савески, да ги отвори клучните прашања поврзани со работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и други чувствителни случаи. Тој нагласи дека без целосно расчистување на минатото, државата не може да оди напред.

„Очекувам од новиот јавен обвинител да излезе со став за тоа како тогашниот затвореник Катица Јанева ги пренесе своите овластувања и ги оживеа предметите од СЈО. На кој начин и како беше тоа направено? Македонската јавност заслужува да знае“, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека граѓаните имаат право да знаат како се трошеле јавните средства.

„Македонската јавност заслужува да знае, бидејќи тие плаќаа скапи милионски хонорари за тие таканаречени обвинители. Сето тоа се плаќаше од народните пари, а резултатот беше – една Луј Витон торба полна со банкноти од странска валута“, истакна Мицкоски.

Премиерот отвори и прашања за судските процеси поврзани со настаните од 27 април.

„Мора да се знае вистината како беа судени десетици луѓе за тероризам и како функционираа заштитените сведоци. Дали постоеле сведоци кои под присила давале искази? Македонската јавност тоа мора да го знае ако сакаме да одиме напред“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека во обвинителството постојат бројни предмети кои, според него, не биле процесуирани.

„Сите поднесоци од институциите, вклучувајќи го и Државниот завод за ревизија, кои остатоците од СЈО ги држеа во фиока, треба да се разгледаат и да се процесуираат“, рече Мицкоски.

Во својата изјава, премиерот спомена и други случаи за кои очекува одговори:

„Како и зошто се случи модуларната болница? Како се случија случаите во енергетиката и во секторот на јагленот? Дали постојат фирми кои спонзорирале одредени политичари? Сето тоа е документирано и поднесено во обвинителството“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата не вршела јавен притисок, но очекува институционална реакција.

CATEGORIES
Share This