СКАНДАЛ ВО ВТОРАТА ЛИГА: Кожуф и “комичниот” пораз од Башкими ја потресоа македонската јавност
Синоќешниот натпревар меѓу Кожуф и Башкими во рамките на Втората македонска фудбалска лига предизвика вистинска бура во јавноста, откако гевгелискиот тим на срамен начин му дозволи на противникот да постигне победнички гол во последните моменти од натпреварот.

Во сцени што повеќе наликуваа на театар отколку на спортска борба, фудбалерите на Кожуф буквално му отстапија простор на ривалот да стигне до голот, без ниту најмала намера да го спречат. Кулминација на апсурдот беше однесувањето на домашниот голман, кој не се ни обиде да интервенира при ударот кој заврши во неговата мрежа.
Реакциите не изостанаа – македонската јавност е згрозена, а видеото од спорниот момент брзо стана вирално на социјалните мрежи. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веднаш најави детална истрага, а претседателот на ФФМ, во своето обраќање до медиумите, вети дека „срамниот чин нема да остане неказнет“.
Во меѓувреме, клубот Кожуф излезе со официјално соопштение во кое ги отфрла директните обвинувања за местење, но додава дека „ако се утврди вина, поединците ќе сносат последици“. Оваа нејасна и неубедлива изјава само ја засили огорченоста кај навивачите и спортската јавност.
„Во рамките на 28-коло од ВМФЛ на градскиот стадион во Гевгелија се одигра натпреварот помеѓу Кожуф и Башкими кој, заврши со резултат 1-2. По завршувањето на натпреварот во јавноста имаше силни реакции во однос на залагањето на дел од играчите од нашиот тим. Во овој момент ги отфрламе обвинувањата кон Кожуф и играчите. Доколку истрагата од надлежните органи утврди нерегуларности на овој натпревар виновниците нека бидат најстрого казнети“, се вели во соопштението на гевгеличани.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, исто така реагираше остро, најавувајќи дека, доколку се докаже дека се работи за нечесна игра, двата клуба може да останат без лиценца за натпреварување.
Случајот со Кожуф и Башкими го отвора прашањето за интегритетот во македонскиот фудбал и ја става под лупа потребата од сериозни реформи во контролата и санкционирањето на вакви појави. Додека јавноста очекува одговори и казни, едно е сигурно – спортскиот дух и фер-плејот синоќа беа поразени.
Следуваат денови на истрага, обвинувања и (можеби) преседани, кои би можеле да ја променат сликата за второлигашкиот фудбал во Македонија.


