СКАНДАЛ ВО ОХРИД – Хотелот на Мијалков во финална фаза, се гради спротивно на сите правила

И покрај јасните препораки за мораториум, бетонската офанзива продолжува

СКАНДАЛ ВО ОХРИД – Хотелот на Мијалков во финална фаза, се гради спротивно на сите правила
Фото: Национал

Хотелскиот комплекс „Горица 3“ поврзан со Сашо Мијалков влегува во финалната фаза на изградба, но граѓанските активисти не се откажуваат од напорите за негово стопирање. Од граѓанската иницијатива Охрид СОС повторно бараат итен прекин на градежните активности и најавуваат дека за случајот ќе го информираат и Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

Во дописот до јавноста, активистите укажуваат на, како што наведуваат, сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Тие реагираат на дел од Извештајот доставен до УНЕСКО, во кој како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ бил урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба било издадено во 2012 година, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029).

„Ова образложение не кореспондира со реалната состојба и остава впечаток дека авторот на одговорот не е запознаен со Планот за управување и обврските што произлегуваат од него. Со неговото донесување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без разлика кога се усвоени, мора да се применуваат согласно условите, режимите на заштита и ограничувањата што тој ги пропишува“, наведуваат од Охрид СОС.

Активистите потсетуваат дека ваквото толкување е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, тие нагласуваат дека градежните активности за „Горица 3“ започнале дури во 2024 година, односно четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена веќе била обврзувачка.

CATEGORIES
TAGS
Share This